Жозе Мурињо останува на своето – „ниту еден фудбалер не е поголем од клубот“ по конфликтот со ѕвездата на Манчестер јунајтед, Пол Погба и одземањето на вице-капитенската лента од Французинот.
55-годишниот Португалец зборуваше пред гостувањето кај Вест хем во сабота по турбулентна недела за клубот. Во средата британските медиуми објавија дека Мурињо е во директен конфликт со Погба по неговите негативни коментари по 1:1 ремито со Вулверхемптон, и 25-годишниот Погба остана без позицијата на заменик капитен и не беше дел од тимот кој загуби во Карабао купот од Дерби каунти. Мурињо на петочната прес-конференција се „отвори“.
„Ниту еден фудбалер не е поголем од клубот и ако јас сум задоволен со неговата работа, тој ќе игра. Ако не сум задоволен, нема да игра. Манчестер јунајтед е поголем од било кого и морам да го бранам тоа“, вели Мурињо.
Тој вели дека Погба ја загубил капитенската лента поради „тактички причини“.
„Ќе објаснам во детали за тие кои мораат да ги знаат деталите. Пол и другите фудбалери ги знаат деталите, заедно со мојот тренерски тим. Ние го одлучивме тоа. Секогаш го анализирам фудбалерот кога е капитен од капитенска перспектива и по неколку недели и разговори со мојот тим решивме дека Пол е само фудбалер, а не капитен. Го информирав него и фудбалерите и тоа е крајот на приказната“, инсистираше Мурињо.