Играчот од средниот ред на Лестер сити, Адриен Силва вели дека едвај чека да има „голема иднина“ со премиерлигашот откако поради административна грешка шест месеци беше во „фудбалска бездна“.
Силва дебитираше за „лисиците“ како замена во понеделничкиот 3:0 триумф над Хадерсфилд, откако претходно не му беше дозволено да игра бидејќи трансферот од 22 милиони фунти од Спортинг Лисабон беше комплетиран неверојатни 14 секунди по крајот на летниот преоден рок.
28-годишниот Силва, кој не е јуниор и кој има над 200 настапи во својата кариера, признава дека тоа било голем тест за него.
„Беше навистина фрустрирачки, но сега тешките времиња се зад мене и среќен сум што сум блиску до целта. Работев напорно да дојдам до овој момент и мислам дека сум во добра форма. Нема ништо подобро од тоа да играш, иако тренирав постојано“, вели Силва.
Силва вели дека добро се запознал со своите соиграчи играјќи неколку пријателски неофицијални натпревари.
„Луѓето од клубот и мојот личен тренер, кој е мојот брат, направија многу да ме задржат во форма и сега ќе видиме што ќе се случи. Тие ми помогнаа да останам фит и позитивен“, додава Португалецот.