Top Sport

„Аѕурите“ замрзнаа во Стокхолм

Иако на „Френдс арената“ температурата беше 5 степени, италијанската фудбалска репрезентација се враќа „смрзната“ во Италија по поразот од 1:0 од Шведска во првиот бараж натпревар за пласман на СП во Русија.

Стравувањата на италијанската јавност дека „Аѕурите“ нема да се пласираат на еден Мундијал првпат од 1958 година на крајот може да се покажат вистинити, откако тимот на Џанпјеро Вентура не успеа да направи нешто поконкретно против стабилниот шведски тим, кој сега патува на реваншот на „Сан Сиро“  во понеделник полн со надеж дека предноста ќе биде доволна да се пласираат на едно СП првпат од 2006 година.

Во првото полувреме двете репрезентации ги „тестираа“ своите сили. Андреа Белоти имаше одлична шанса со глава да постигне гол, додека Ола Тоивонен врати со добар, но непрецизен удар од 20-тина метри, а имаше и уште неколку „нервозни“ моменти во шестнаесетникот на Италија.

„Аѕурите“ започнаа одлично во второто полувреме, кога Марко Верати додаде до Антонио Кандрева, а дефанзивецот на Шведска, Робин Олсен се двоумеше и имаше доволно време да ја прати топката во корнер.

Напаѓачот на АЕК Атина, Јакоб Јохансен влезе во игра во 57. минута, и само четири минути подоцна стана шведскиот херој. По изведување на аут во шестнаесетникот на Италија, топката доаѓа од него и тој удира од 20-тина метри. Топката несреќно завршува во Даниеле де Роси, го менува правецот и го „лаже“ Буфон, кој нема шанса да интервенира.

Италијанците малку повеќе се отворија со влегувањето на Лоренцо Инсиње во игра, но најдобрата шанса ја имаше Матео Дармијан кој со одличен удар го погоди само левиот дирек. До крајот на натпреварот Италијанците се обидоа да направат притисок, меѓутоа тоа не беше доволно и сега цела „чизма“ ќе се тресе во понеделник гледајќи го натпреварот на „Сан Сиро“.

ШВЕДСКА – ИТАЛИЈА 1:0
Ј.Јохансон 61’

Scroll to Top