Герет Бејл не игра во Тотенхем бидејќи е при крајот на својата фудбалска кариера, вели неговиот агент Џонатан Барнет откако Велшанецот повторно се најде во конфликт со својот тренер, овојпат со Жозе Мурињо.
Од 22 меча во Премиер лигата по неговото пристигнување во северен Лондон, 31-годишниот Бејл стартуваше само во два меча, а минатата недела се откри и конфликтот со Мурињо, кој го нападна Бејл за неговиот пост дека тренинзите одат „добро“. Барнет, во интервју за „Фајненшл тајмс“, вели дека Бејл е при крајот на кариерата и дека финансиски добро поминале.
„Герет е блиску до крајот на кариерата. Но, зошто не игра, треба да го прашате Жозе Мурињо. Сите велат што се случи со него? Тој има две титули од Ла лига и четири од Лигата на шампионите, повеќе од било кој британски фудбалер во историјата. Финансиски исто така одлично помина, има доволно пари до крајот на својот живот. Има одличен животен стил, ете тоа му се случи“, вели Барнет, кој целата кариера му е агент на фудбалерот.