Антонио Конте најверојатно стигна до крајот на кариерата како тренер на Челси, но ако се верува на англиските медиуми, нема долго време да чека на работа, откако Пари Сен-Жермен му подготвува супер-понуда.
Конте лани во првата сезона на клупата на Челси ја освои титулата од Премиер лигата, но оваа година голем дел од времето помина во конфликтот со управата на клубот, посебно околу трансфер-политиката на клубот.
Според „Дејли мејл“, Насер Ал-Хелаифи, претседателот на ПСЖ ќе му понуди 11.5 милиони евра годишна плата за преселба во Франција. Единствено што би го спречило овој трансфер е понудата да стане селектор на италијанската репрезентација, која по неуспехот да се квалификуваат за Мундијалот во Русија, е во фаза на транзиција.
Доколку се оствари ова, значи дека Унаи Емери ќе биде шутнат и покрај тоа што речиси сигурно ќе ја донесе титулата од Лига 1. Амбициите на клубот се на европска сцена, каде што „парижаните“ беа поразени од Реал Мадрид во осминафиналето.
Фото: ЕПА