Иако во текот на целата сезона постоеја шпекулации дека Масимилијано Алегри ја одработува последната сезона како тренер на Јувентус, италијанскиот стратег вели дека е подготвен да ја планира следната сезона со газдата Андреа Ањели.
Јувентус ја обезбедија осмата титула во низа пред „Дерби д’Италија“ со Интер во сабота и Алегри одговарајќи на прашање дали ќе се сретне со Бепе Марота, поранешниот директор на Јуве кој сега работи со Интер, најави планирање на новата сезона.
„Не сум го видел Бепе откако замина, така што со радост повторно ќе се сретнеме. Заедно направивме големи работи, а двајцата сме професионалци, така што иако сме на различен пат, тоа не ги менува добрите работи. Потоа ќе се сретнам со Ањели и ќе направиме планови и цели за иднината. Треба да поставиме темели за важна сезона во која можеме да бидеме подобри. Тука сум пет години и можам да зборувам за мојата проценка – не е драма да не освоиш Лига на шампиони пет сезони“, вели Алегри.