Макс Алегри не заминува од Јувентус како што беше најавено, но имал неколку убави барања за да остане во италијанскиот шампион, вклучувајќи повисока плата и поголема улога во одредувањето на трансферите на клубот, тврди „Скај спорт Италија“.
Иако дел од италијанските медиуми веќе го „отпишаа“ Алегри, велејќи дека е направена одлука тој да замине, „Скај спорт Италија“ тврди дека уште не се случил состанокот со газдата Андреа Ањели, но дека амбициозните барања на Алегри значат дека тој „намерно“ сака да остане без договор.
Алегри барал продолжување на договорот на уште две сезони, до 2022 година, со значително повисока плата, а поднел и листа на желби за засилувања на одбраната и средниот ред на тимот. Тој исто така сакал да го продаде и Пауло Дибала, кој не се вклопува во неговиот систем на игра.