Top Sport

Алегри: ВАР наместо да помогне, предизвикува контроверзи (видео)

Користењето на видео-снимките од страна на судиите во Серија А предизвика повеќе контроверзи отколку што ги реши, вели тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри.

Сепак, тој додава дека ова е делумно поради тоа што Италијанците уживаат во контроверзите, а во основа ВАР е добра идеја. Јувентус победи со 1:0 на гостувањето кај Каљари во саботата, во меч во кој тимот од Сардинија беше незадоволен за две одлуки.

Тие сметаа дека акцијата пред голот на Федерико Бернардески во 74. минута требаше да биде стопирана кога Мехди Бенатија го удри со лакт Леонардо Паволети, но судијата реши да не го консултира ВАР. Кратко потоа, Каљари бараше пенал за играње со рака на Бернардески, но судијата исто така не ги консултираше снимките, иако италијанските медиуми тврдат дека тој добил совети преку радио-комуникацијата.

„ВАР беше воведен за да се намалат контроверзите, но сега ги имаме повеќе, можеби бидејќи Италијанците го сакаат тоа.  Бараме контроверзи при секоја анализа на мечевите. Мислам дека следната година ќе имаме поголема јасност околу правилата. Судиите го даваат својот максимум, а видео-снимките се посебно корисни кај офсајд ситуациите, но секогаш ќе има тешки одлуки“, вели Алегри.

Scroll to Top