Top Sport

Алиреза Беиранванд, „овчарот“ кој му одбрани пенал на Роналдо

Алиреза Беиранванд направи сѐ што беше во негова моќ – му одбрани пенал на Кристијано Роналдо, но тоа не беше доволно Иран, конечно, да влезе во осминафиналето на едно Светско првенство.

Човекот кој не му дозволи на Роналдо да се израмни со пет гола на Мундијалот со Хери Кејн, има неверојатна животна приказна, прикладна за холивудски филм.

Беиранванд е роден во провинцијата Лорестан во номадско семејство, кое секогаш е во движење за да се најдат прикладни пасишта за нивните овци. Алиреза беше најстар син и тој беше одговорен за овците, но во слободно време почнал со фудбалот. Кога имал 12 години, неговото семејство се населува во градот Сарабиас, и Алиреза се препушта страствено на фудбалот, прво како напаѓач, потоа како голман во локалните клубови.

Неговиот татко, Мортеза, не се согласувал и побарал од него да избере друга професија. Младиот голман немал друг избор и избегал од дома во престолнината Техеран во обид да најде работа во големите клубови.

Беиранванд почнал да работи како мијач на автомобили, каде што поради својата височина бил специјалист за миење џипови, како разнесувач на пица, но и како обичен чистач на улици.

Сепак, напорната работа се исплатела и тој бил забележан од младинската школа на клубот Нафт-е-Техеран, кои му дадоа шанса во У-23 тимот. Неговите игри почнаа да се забележуваат и тој почна да игра во иранската младинска репрезентација. Во 2015 година, тој почна да биде прв избор на селекторот Карлос Кеирош, и со 12 натпревари без примен гол помогна Иран прв од Азија да се квалификува во Русија.

„Јас поминав многу тешкотии да го остварам мојот сон, но нема да ги заборавам, бидејќи поради тоа сум човекот кој што сум денеска“, вели Беиранванд, кој признава дека сон му е да игра за некој голем европски клуб.

Фото: ЕПА

Scroll to Top