Втора сезона во низа, канадскиот тим Торонто ФЦ е во финалето на МЛС купот, освојувајќи ја Источната конференција благодарение на Џози Алтидор.
Американскиот напаѓач и покрај ситната повреда на скочниот зглоб заработена на почетокот на второто полувреме, го постигна единствениот гол во мечот за 1:0 победа над Колумбус кру. Откако Колумбус успеа да ги задржи Торонто без гол во 156 минути од двомечот, домашниот тим го најде патот до мрежата по одличното проигрување на Себастијан Џовинко, Виктор Васкез и Алтидор. Веднаш потоа Алтидор веќе не можеше да продолжи.
„Едвај одеше! Но, реши да го даде максимумот и беше вистински ѕвер“, вели тренерот на Торонто, Грег Вени.
ТФЦ сега го чека победникот од Западната конференција во финалето – таму играат Хјустон дајнамо и Сиетл саундерс.