Менаџерот на Евертон, Карло Анчелоти пред мечот на неговиот тим со Манчестер јунајтед го коментираше притисокот кој го чувствува неговиот ривал Оле Гунар Солскјер со низата слаби резултати.
По поразот од Башакшехир, постоеја шпекулации дека на Солскјер веќе му се планира замена во Маурисио Почетино или Јулијан Нагелсман, и Анчелоти, тренер со огромно искуство во тимови како Милан, Реал Мадрид и Баерн Минхен иако има симпатии кон Солскјер, му порача на Норвежанецот дека слабата форма на еден тим „секогаш“ е вина на тренерот.
„Во основа, имам симпатии кон сите менаџери, бидејќи ова е тешка работа. Имам повеќе искуство од Оле Гунар Солскјер, така што можам да му кажам кога работите не одат најдобро, дека има само еден одговорен. Тоа е тренерот, тука нема сомнеж. Секој тренер е под притисок, но тој притисок е привилегија. Треба секогаш да си правите самоанализа со студена глава“, вели Анчелоти.
Тој очекува тежок меч во сабота без разлика на последните проблеми на Јунајтед.
„Тие се силен тим и мораме да бидеме на нивото за да ги победиме. Вистина е дека немаа најдобри резултати во првиот период, но одиграа некои мечеви навистина добро“, додава Анчелоти.