Италијанскиот стручњак, актуелен тренер на Реал, Карло Анчелоти е новиот фудбалски селектор на Бразил.
Како што беше објавено, 65-годишниот стручњак потпиша договор до крајот на Светското првенство, кое ќе се игра следното лето во САД, Мексико и Канада.
„Најтрофејниот избор во историјата на фудбалот сега ќе го води најуспешниот тренер во светот. Карло Анчелоти, синоним за историски достигнувања, беше објавен овој понеделник од претседателот на Бразилската фудбалска асоцијација, Едналдо Родригез, за нов селектор на националниот тим. Италијанецот ќе го предводи Бразил на Светското првенство во 2026 година и ќе го тренира тимот веќе во следните два квалификациски натпревари против Еквадор и Парагвај, следниот месец“, се вели во соопштението на веб-страницата на Бразилската фудбалска асоцијација.
Родригез рече дека доведувањето на Анчелоти да го предводи Бразил е повеќе од стратешки потег.
„Ова е порака до светот дека сме решени да го вратиме првото место на подиумот. Тој е најголемиот тренер во историјата, а сега ја предводи најголемата репрезентација на планетата. Заедно ќе напишеме нови славни поглавја за бразилскиот фудбал“, рече Родригез, како што објави веб-страницата на ФС Бразил.