Карло Анчелоти инсистира дека во Наполи има „совршена хармонија“ и дека во ниту еден момент не помисли да си замине од позицијата тренер на тимот и покрај хаосот кој владее во клубот, по што претседателот Аурелио де Лаурентис казни половина тим.
Анчелоти и Наполи го пречекуваат Ливерпул во низа од шест меча без победа и со големи шпекулации дека ќе добие отказ ако не влезе во нокаут фазата од ЛШ.
„Ова не ни е последна шанса, бидејќи во ЛШ сме заработиле доволно за да се квалификуваме. Но, мораме да сме добри во дуелот со актуелните шампиони. Знаеме дека мораме да направиме многу повеќе за овој важен натпревар со огромно внимание и фокус. Сите во тимот знаат дека мора подобро, но сите сме заедно тука. Но, можам да ви посочам дека постои целосна хармонија тука и затоа не сум помислил да си дадам отказ. Во текот на мојата 30-годишна кариера, никогаш не сум ја загубил довербата на клубот и фудбалерите и така е и сега“, вели Анчелоти.
Лоренцо Инсиње го пропушта дуелот со повреда на лактот, иако во Италија се шпекулира дека е казнет поради тоа што тој го предводел бунтот против претседателот Де Лаурентис.
„Тие кои не се достапни, не патуваа. Инсиње се обиде вчера, но имаше повреда и затоа да ставиме крај на шпекулациите“, додава Анчелоти.