Top Sport

Анчелоти: Тимот на Милан кој загуби од Ливерпул во 2005 беше најдобриот

Карло Анчелоти инсистира дека тимот на Милан кој го загуби славното финале на Лигата на шампионите во 2005 бил многу подобар отколку неговиот победнички тим во 2003 и 2007 година.

Во интервју по повод 13-годишнината од 3:0 победата над Манчестер јунајтед за пласман во финалето на ЛШ во 2006/07, Анчелоти се потсети на „совршениот“ натпревар.

„Голот кој го примивме во последната минута од првиот меч беше навистина важен. На крајот мечот заврши 3:2 и не натера да играме напаѓачки фудбал, без милост. Имаше многу тензија, сезоната не беше најдобра и Лигата на шампионите беше многу важна. Се обидовме да го сопреме Кристијано Роналдо, а Гатузо заврши одлична работа. Но, потоа се погодија многу работи – одлично време, голови во вистинско време. Затоа тоа беше совршен меч“, вели Анчелоти во интервју преку Инстаграм.

Менаџерот на Евертон освои два трофеи од ЛШ со „росонерите“, но смета дека тимот кој загуби од Ливерпул на пенали во Истанбул во 2005 година по 3:0 водство на полувремето бил супериорен.

„Тимот од 2007 беше технички инфериорен во споредба со тој од 2005, кој останува најдобриот тим за мене. Во 2007 имавме повеќе мотивација и победивме со мотивацијата, а не со квалитетот. Десет години подоцна го гледав финалето од Истанбул и мислам дека игравме навистина добро, дури и во продолжението“, вели популарниот Карлето, кој освои само една титула од Серија А со „диаволо“ во 2004 година.

Scroll to Top