Шведските фудбалери се пресреќни што влегоа во четврт-финалето на Мундијалот, но тоа не ги задоволува нивните апетити, вели селекторот Јане Андерсон по 1:0 победата над Швајцарија за прв пласман меѓу најдобрите осум од 1994 година.
Во уште еден цврст натпревар, Емил Форсберг со пренасочениот удар беше доволен за победа против Швајцарците, кои се мачеа со одбраната на „викинзите“ за да обезбедат дуел со Англија или Колумбија.
„Овој тим го покажува приодот кој сите го делиме – работиме еден за друг на и надвор од теренот и среќен сум што тоа ни се исплати. Кога ќе ја прославиме победата ќе се фокусираме на следниот натпревар. Не знаеме со кого ќе играме, но не застануваме тука“, вели Андерсон.
Шведска има импресивен пат на СП во Русија – прво ја елиминираа Холандија од својата група во квалификациите, потоа ја „уништија“ Италија во баражот, за на крај да бидат пред Германија во својата група и сега пред Швајцарија. Дали некој ги потценил?
„Тоа треба да ги прашате нив. Ние знаеме колку сме добри и како го заслуживме овој успех. Не сме многу заинтересирани за тоа што го прават другите тимови“, вели 55-годишниот Андерсон.
Фото: ЕПА