Марсин Булка има 20 години член е на Пари Сен Жермен, а во кариерата од 2016 до 2019 година го носел и дресот на Челси. Деновиве младиот голман ја воодушеви јавноста со интервјуто што го имал за „Фут Трак“.
Булка, е трет голман на ПСЖ, пред него се Кејлор Навас и Серхио Рико. Во интервјуто тој открива интересни детали од соблекувалните на ПСЖ и Челси.
Анхел Ди Марија?
„Сака да се шегува со сите, поради тоа го сакаме. Има смешна рутина пред секој тренинг, секогаш прави исти работи. Во вежбалната секогаш го користи истиот велосипед. Секогаш ја користи истата кабина за туширање. Еднаш имаше седум слободни туш-кабини, но тој го чекаше Мичел Бакер да излезе од „неговата“. Моравме на Мичел да му објасниме дека тоа е тушот на Ди Марија бидејќи иако е седум години во Франција, Анхел не зборува француски. Ди Марија го мрази времето кое го има поминато во Манчестер Јунајтед“.
Килијан Мбапе?
„Ѕвер. Кога ќе забрза не му можете ништо. Многу „кул“ момче, една година е постар од мене. Тоа е чудно, толку веќе минал во кариерата, се чини дека секогаш бил тука. Ме потсетува на Роналдо Феноменот. Исто така сака многу да зборува. Кога дојдов во ПСЖ, Тома Мение ми кажа: „Тој многу зборува, понекогаш можеш да го игнорираш бидејќи е многу веројатно дека разговара сам со себе“.
Булка имал можност да го запознае Еден Азар во Челси.
„Обожува да јаде пици и хамбургери. Стално го гледав по разни пицерии. Интереси во животот му се фудбалот и добрата забава. Во Челси тоа не беше проблем, но во Реал не е така, особено по неодамнешната повреда. Веројатно има неколку килограми повеќе“.
Никогаш тренинзите во Челси не биле здодевни со Диего Коста.
„На еден тренинг Натаниел Шалоба лежеше во болки по еден фаул. Диего мислеше дека глуми и започна да зборува некакви глупости на шпански. Бидејќи Натаниел не стануваше тој го спушти шорцот и му седна на лицето, а потоа избега“.