Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, вели дека претстојните дуели со Словенија и Полска се најважни за нашиот национален тим во овој квалификациски циклус за пласман на ЕП 2020.
Селекторот во четвртокот го објави списокот на кој нема никакви изненадувања. Во репрезентацијата се вратија Тошевски и Ристовски, повик доби повредениот Барди, а Бејтулаи поради жолти картони ќе го пропушти натпреварот со Словенија. Од оние што беа во комбинација за претходните дуели со Израел и Летонија повик не доби само Кире Марковски.
Првиот натпревар Македонија ќе го одигра против Словенија во Скопје. Словенците со серијата на добри резултати се искачија на втората позиција на табелата, зад Полска, а пред Австрија. Македонија во таа пресметка ќе влезе со осум бода, три помалку од Словенија.
– Убеден сум дека дуелот со Словенија ќе биде нашето најдобро издание, затоа што за нас ова е многу важен натпревар, но истовремено и дуел во кој ќе уживаме. Самите се донесовме во ситуација да се надеваме на висок пласман во групата и ќе направиме сѐ за да го постигнеме тоа. Може да победиме само ако сме како тим и ако играме како што знаеме. Словенија сите мечеви ги одигра речиси со истите фудбалери. Истото практикуваме и ние. Менуваме само кога имаме повредени. Имаме неколку системи на игра кои во изминатите години ги користевме на натпреварите. Словенија е тим што има голман како Облак, лидер како Иличиќ, но очекувам една рамноправна битка, а сепак борба на секој дел од теренот. Јас верувам во овие фудбалери, изјави селекторот Ангеловски.
Натпреварот меѓу Македонија и Словенија се игра на 10. октомври на Националната арена „Тодор Проески“. Собирот е на 7. октомври во „Гранд Плаза“, а првиот тренинг е од 18:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“.