Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски, рекол дека за него и неговиот тим, дуелот со Германија ќе претставува вистинско задоволство.
Германија, вечерва, ќе ја пречека Македонија во Дуизбург, во рамките на третото коло, во Ј-групата.
– Германија не е фаворит само против нас, туку е фаворит на сите Светски и Европски првенства. Ова ќе биде специјален меч за нас и ќе биде задоволство да се игра со ваков противник. Затоа не ни треба посебна мотивација и самото тоа што играме против поранешен светски шампион ни ја зголемува желбата и мотивот за надигрување. Очекувам возбудлив натпревар. Против силни противници играме добро. Верувам дека така ќе биде и на утрешниот дуел. Германците се физички силни и имаат огромен квалитет“, рекол Ангеловски.