Top Sport

Англиските медиуми веќе го „почувствуваа“ трофејот

Како и секогаш, со голема доза на сензационализам, англиските медиуми влегоа во „транс“ по рекордната победа од 6:1 над Панама, небаре веќе утре ќе играат за „враќање дома“ на трофејот кој единствен пат го освоија во 1966 година.

„Веруваме во чуда, вие ’сикси’ работи“, стои на насловната на „Сан“ во парафразирање на хитот од 1970-тите, поради шесте (сикс) голови.

Откако на СП во 2014 година освоија само еден поен и постигнаа само два гола, Англичаните веќе се во осминафиналето со две победи, осум гола и го имаат најдобриот стрелец на турнирот, Хери Кејн.

Поранешниот играч од средниот ред, а сега менаџер на Дерби, Френк Лампард, кој беше дел од „златната генерација“ на англискиот фудбал која не оствари многу, вели дека трофејот е достижен.

„Не гледам зошто би биле негативно расположени и би велеле дека сакаме да стигнеме само до четврт-финалето. Не се занесуваме, но имаме талент во тимот и не е добро да се отпишуваме предвреме“, вели Лампард.

„Русија честопати е обвинета дека се ’меша’ во вестите, но ова навистина се случи“, пишуваше Пол Хејвард во „Дејли телеграф“ додавајќи дека „во градот каде што Советскиот Сојуз ги исфрлаше дисидентите, Англија избега од лошото минато. Да, се работи само за Панама, тим со борачи во шестнаесетникот кои беа многу лоши, но сепак…“.

Сега Англичаните ги очекува вистинскиот тест, како против Белгија во последното коло по групи, но мораше да се ужива во моментот.

„Жалам што ќе ги разочарам тие кои бараат претпазливост, сега е време малку да се занесуваме. Предолго чекавме да имаме национален тим кој не крева од столчето“, напиша поранешниот напаѓач на репрезентацијата, Питер Крауч во колумна за „Дејли мејл“.

Scroll to Top