Фудбалскиот клуб Монако бара нов тренер. Француските медиуми објавија дека во наредните 48 часа клубот ќе му врачи отказ на тренерот Тиери Анри.
Монако, минатата сезона беше вице-првак на Франција, а сезоната пред неа ја освои шампионската титула, меѓутоа во тековната сезона клубот се бори за опстанок. Монако е на претпоследната позиција на табелата со еден бод повеќе од Генган кој е на последното место.
Поради лошите резултати од почетокот на сезоната, отказ доби Леонардо Жардим, а клубот на 13.октомври за нов тренер го назначи Тиери Анри.
Поранешниот играч на овој тим не успеа да ги подобри резултатите, Монако се уште нема победа на домашен терен. Покрај лошите резултати, неспортското однесување на Анри ќе придонесе тој да добие отказ.
Минатата недела, на натпреварот со Стразбур, Анри го опцул противничкиот играч Кени Лала. Моментот го забележале камерите, поради што Анри подоцна мораше да се извини.
Она што делува како вистински шок е името на тренерот што треба да биде наследник на Анри. Тоа е Леонардо Жардим кој во октомври доби отказ и седум милиони евра за предвремен раскин на договорот.
Во целата ситуација јасно е само дека Монако до крајот на сезоната ќе се бори за опстанок. Поради тоа во актуелниот преоден рок клубот ги ангажираше Бало Туре (Лил), Налдо (Шалке), Сеск Фабрегас (Челси) и Вилијам Ванкер (Анталијаспор).
До крајот на преодниот рок челниците на Монако имаат намера да ангажираат уште неколку фудбалери, а први желби се Миши Батжуаи (Челси), Маруан Фелаини (Манчестер Јунајтед) и Желсон Мартинш (Атлетико Мадрид).