Хрватската полиција уапси три лица поради извикување нацистички и антисемитски пароли за време на организираната навивачка поворка на Торцида, пред вчерашниот натпревар меѓу Хајдук и Ајакс во Сплит. Тие се осомничени за јавно поттикнување насилство и омраза, пренесува хрватски „Индекс“.
Сплитската полиција соопшти дека идентификувала и други лица по кои се трага, а продолжува и анализата на видеоснимките за утврдување на идентитетот на останатите учесници.
„Во моментов се уапсени три лица и против нив се спроведува криминалистичка истрага поради сомнение за сторено кривично дело јавно поттикнување насилство и омраза. Идентификувани се повеќе лица и во тек е постапка за нивно приведување и пронаоѓање“, соопшти полицијата.
За време на организираната поворка кон стадионот „Пољуд“, дел од навивачите извикувале пароли со кои се величеле Адолф Хитлер, нацизмот и усташтвото, како и антисемитски пораки насочени против Евреите.
Меѓу извиците биле „Аушвиц, Аушвиц“ и „Стани, Адолфе“, а биле пеени и песни со кои се величело убивањето Евреи во нацистичките концентрациони логори. На една од снимките се слушаат и навредливи стихови насочени кон Ана Франк, еврејското девојче кое починало во концентрациониот логор Берген-Белзен на 15-годишна возраст.
Полицијата соопшти и дека за време на обезбедувањето на натпреварот биле приведени уште 28 домашни навивачи, главно поради поседување пиротехника, фантомки и други предмети, како и поради прекршоци.
На натпреварот присуствувале 31.273 гледачи, меѓу кои 1.413 гостински навивачи. Според полицијата, за време на самиот натпревар немало насилни инциденти.
Еден ден претходно, на сплитската Рива, полицијата интервенирала поради нереди во кои биле вклучени навивачи на Хајдук и Ајакс. Во таа интервенција биле уапсени пет лица поради сомнение за кривични дела поврзани со напад врз полициски службеници и предизвикување нереди, додека уште 52 лица биле уапсени поради прекршоци против јавниот ред и мир.
Од полицијата нагласуваат дека станува збор за одделна постапка од апсењата поврзани со нацистичките и антисемитските пароли.
