Top Sport

И Ариго Саки се „сврте“ против ПСЖ

Тренерската легенда, Ариго Саки е последниот кој се вклучи во критиките кон Пари Сен-Жермен и нивниот однос кон фудбалот, кон Нејмар и последиците кои ги носи тој однос.

71-годишниот Италијанец честопати во својата кариера имаше уникатни ставови кон фудбалот, и овојпат не го штедеше ПСЖ во интервју со францускиот весник „Л’Екип“. ПСЖ загуби во двобојот со Реал Мадрид во Лигата на шампионите и Саки е разочаран.

„Најмногу разочаруваше нивниот однос. Очекував многу повеќе агресивност и интензитет од нив. Не знам што се случуваше во нивните умови, но секогаш сум го сметал Унаи Емери како многу добар тренер, по што ни останува едно прашање. Дали играчите го слушаат? Ова е како сценарио за филм. Ако сценариото е лошо, тогаш добрите актери не се доволни да направат голем филм. Тренерот мора да биде следен да имаме добар тим“, вели Саки.

ПСЖ потроши стотина милиони долари на засилувања, вклучувајќи го Нејмар за кого платија 222 милиони евра. Саки вели дека потребно е повеќе од феномен како Нејмар доколку сакаат да ја освојат Лигата на шампионите. Бразилецот беше отсутен од вториот натпревар откако го скрши стапалото и замина на операција дома, по што најверојатно ја пропушта целата сезона на ПСЖ.

„Еден играч, колку и да е силен, не е проект. Нејмар не е проект! Милан ја освоија Серија А во 1988 со Марко ван Бастен, кој само што дојде во тимот и одигра само три комплетни натпревари од 30. Да го направевме проектот Ван Бастен немаше да освоиме ништо. Го освоивме европскиот куп со Руд Гулит во 1990 и знаете колку натпревари играше тој? Еден од девет. Ја победивме Барселона во суперкупот без Франко Барези, Карло Анчелоти и Гулит. Нема музика без ноти. Драматургот Бертолт Брехт изјави дека дури и на најголемите актери им е потребен режисер. Со тие пари кои ги потрошија, кога парижаните ќе имаат добра организациај ќе одат напред. Потребни им се јасни идеи и планови“, додава Саки.

Фото: ЕПА

Scroll to Top