Фантастичниот соло-гол на Марко Арнаутовиќ беше доволен за Вест Хем да стигне до импресивна 1:0 победа над Челси во првиот натпревар од 16. коло од англиската Премиер лига.
Австрискиот репрезенативец беше критикуван по неговиот трансфер од 25 милиони фунти од Стоук, но новиот менаџер Дејвид Мојс му даде нова шанса да го покаже својот талент.
Тој го направи токму тоа во шестата минута од натпреварот, кога со леснотија ја пројде одбраната на „Сините“ и го „матираше“ Тибо Куртоа. Тој доби и жолт картон за својата прослава со навивачите на Вест Хем. Челси во поголемиот дел од мечот се обидуваше да го „скрши“ отпорот на „чеканите“, но одбраната на Вест Хем беше на ниво на предизвикот.
Победата не ги „вади“ Вест Хем од опасната зона, бидејќи тие скокнуваат само на 18. место на табелата со 13 поени, но сепак е одлична вест за фановите кои беа скептични со ангажирањето на поранешниот менаџер на Манчестер јунајтед, Дејвид Мојс.
Челси пак, може да жали за загубените бодови, бидејќи иако остануваат трети со 32 поени, три помалку од Манчестер јунајтед и 11 зад Манчестер сити, кои утре се среќаваат во градското дерби.