Томас Тухел веќе преговарал да го замени Арсен Венгер како тренер на Арсенал, вели легендата на Баерн Минхен, Лотар Матеус, откако голем број на медиуми во Британија шпекулираа со веста.
Поранешниот тренер на Борусија Дортмунд наводно веќе ја одбил понудата да биде заменик на Јуп Хајнкес на клупата на Баерн, бидејќи 44-годишниот Германец очекувал да стане нов тренер на Арсенал, иако претходно и Пари Сен-Жермен биле заинтересирани за него.
Според Матеус, Тухел би бил „совршен“ избор за Баерн, но интересеот на Арсенал е голем.
„Знаете јас сум исто така новинар, така што мора да ’вадиме’ наслови секој ден. Милсам дека Томас Тухел е во контакти со Арсенал и никој не знае што се случува зад затворени врати“, вели Матеус за „Омниспорт“.
Тухел, кој беше тренер на Мајнц пред да го преземе Дортмунд во 2015 година, си замина од Борусија минатиот мај, само три дена откако го освои ДФБ-купот, и неодамна изјави дека главната причина за заминувањето беше конфликтот со Ханс-Јоаким Вацке, директорот на клубот.
Се верува дека тој исто така имал конфликт и со Свен Мизлинтат, главниот скаут на Борусија, кој неодамна ја презеде истата улога во Арсенал, но дека нивните разлики се полесни за надминување.
Фото: ЕПА