Арсенал сакаат да го убедат нивниот поранешен фудбалер, легендарниот Холанѓанец, Марк Овермарс да ја преземе улогата на технички директор на клубот на местото на Свен Милзинтат, кој најверојатно си заминува од клубот, тврди „Дејли мирор“.
45-годишниот Овермарс, кој играше за „топчиите“ од 1997 до 2000 година и ја освои двојната титула во 1998 година, во моментов работи како директор на фудбал во својот матичен клуб, Ајакс.
Во Арсенал сметаат дека имаат хроничен проблем во ангажирањето на фудбалери и во обидот да се привлечат големите имиња на „Емирати“, а новиот тренер Унаи Емери наводно е во голем конфликт со Мизлинтат, кој може да си замине само 15 месеци откако дојде од Борусија Дортмунд.
45-годишниот Овермарс, пак, во Ајакс каде што работи седум години, може да се пофали со растот на холандските таленти како Френки де Јонг, Матијс де Лигт и Јустин Клајверт, а исто така во клубот ги донесе Кристијан Ериксен, Тоби Алдервирелд и Давинсон Санчез, кои потоа заминаа во Тотенхем.