Ерменецот Хенрик Мхитаријан нема да патува со Арсенал во Азербејџан на финалниот меч во Лига Европа против Челси, потврдија од неговиот клуб.
Азербејџан и земјата од која потекнува Мхитаријан, Ерменија, во минатото беа во војна поради регионот Нагорно Карабах, а откако потпишаа примирје тие не ги обновија дипломатските односи.
Поради затегната политичка ситуација и поради безбедноста на Мхитаријан, Арсенал нема да го носат Ерменецот во Баку.
„Ги разгледавме сите опции за Мики да може да биде дел од тимот. Сепак откако разговаравме со него и неговото семејство, постигнавме договор тој да не патува со нас. Во писмото што го упативме до УЕФА изразивме загриженост поради целата ситуација. Мики е играч што имаше голем придонес во нашиот пласман во финалето и ова е голем хендикеп за нас. Исто така жалиме што фудбалерот ќе пропушти значаен европски натпревар од политички причини. Ова не се случува често. Мики ќе работи со нас се до моментот кога ќе отпатуваме за Баку“, стои во клупското соопштение.
Инаку, УЕФА се понудија да бидат посредници во целата ситуација, а безбедноста на Мхитаријан му ја гарантираше амбасадорот на Азербејџан во Велика Бротанија, Тахир Тагхизадех.
Финалниот меч во Лига Европа помеѓу Арсенал и Челси ќе се одигра на 29 мај во Баку.