Во меч во кој Арсен Венгер се израмни со Сер Алекс Фергусон со 810 меча во Премиер лигата, Арсенал стигна до потешка од очекувањата 3:2 победа на гостувањето кај Кристал Палас.
Последната посета на лондонските ривали донесе 3:0 пораз за Арсенал, но овојпат, „топчиите“ од стартот дојдоа во водство, откако во 25. минута Шкодран Мустафи се најде на вистинското место за да го совлада Хулиан Сперони.
Палас израмнија во 49. минута преку Таунзенд, по што на сцена стапи Алексис Санчез, со два гола за четири минути (од 62. до 64. минута) за да донесе 1:3 водство за тимот на Венгер. Џејмс Томкинс намали на 2:3 во 89. минута за да го направи финишот поинтересен, но на крајот фаворитите дојдоа до победата.
Арсенал сега е на шестото место со 37 поени, исто како и петопласираниот Тотенхем, но со полоша гол-разлика. Палас под водство на поранешниот англиски селектор Рој Хоџсон излезе од зоната за испаѓање и е на 16. место со 18 поени, исто како и 17-пласираниот Вест Хем.