Со Алексис Санчез надвор од составот, пред сè поверојатниот трансфер во Манчестер јунајтед, Арсенал загуби на гостувањето кај Бурнемаут со 2:1 за да останат на шестото место, со пет поени разлика од местото кое води во Лигата на шампионите.
По тесното прво полувреме без голови, Арсенал се понадева на триумф кога Ектор Белјерин постигна гол во 52. минута од мечот на стадионот „Виталити“.
Меѓутоа, Бурнемаут прво израмни во 70. минута преку Калам Вилсон, а во 74. минута Џордан Ајб го комплетираше пресвртот за славна победа на тимот кој се бори за опстанок оваа година. Со трите освоени поени со петтата победа ова сезона, Бурнемаут се на 17. место со 21 поен, еден повеќе од опасната зона, каде што се наоѓа Стоук.
Ова беше комплетирање на лошиот ден за навивачите на „топчиите“, откако прво Санчез воопшто не отпатува со тимот на гостувањето. Се верува дека Арсенал ќе ја прифати понудата од 30 милиони фунти на Манчестер јунајтед за Чилеанецот, кој покрај големиот бонус за потписот ќе добие и плата од 400.000 фунти неделно на „Олд Трафорд“.