Арсенал со 2:0 го совлада својот најлут ривал Тотенхем, за да се вратат насмевките на лицата на навивачите на „топчиите“, по храбрите најави дека Тотенхем сега е најдобриот тим од северен Лондон. Уште „послатко“, ова е прва победа во Премиер лигата на Арсенал над својот ривал од 2014 година.
Исходот на мечот беше решен во финишот на првото полувреме, кога прво Шкодран Мустафи во 36. минута го совлада Иго Љорис, за само пет минути подоцна Алексис Санчез да покаже дека многу ќе недостасува на „топчиите“ ако се исполни неговиот трансфер.
Со поразот, Тотенхем остана на третото место во Премиер лигата со 23 поени, израмнети со Манчестер јунајтед, но на осум помалку од Манчестер сити, додека Арсенал се искачи на седмото место, сега со само еден поен помалку од Тотенхем.
Минатата година по 20 години доминација на Арсенал, Тотенхем беше пред нив на табелата, заслужувајќи место во Лигата на шампионите, додека Арсенал игра во Лига Европа.