Top Sport

Артета демантира дека е во конфликт со Обамејанг

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета инсистира дека нема конфликт со капитенот Пјер-Емерик Обамејанг, откако го замени габонскиот напаѓач против Манчестер јунајтед во моменти кога на „топчиите“ им беше потребен гол.

По овој потег, легендата на клубот, Тјери Анри призна дека „нешто не е во ред“ во односите меѓу Артета и Обамејанг, кој има само четири постигнати голови оваа сезона. Артета пред утрешното гостување кај Евертон, вели дека нема ништо контроверзно.

„Ви гарантирам дека не постои конфликт. Морам да го почитувам мислењето на Анри, но и да кажам дека го имам односот кој го посакувам со Обамејанг. Кога ќе направам одлука на меч на 15, 20 минути пред крајот, тоа се прави за да го извлечам максимумот од клубот. Понижување? Ако тоа да си стартер е понижување, што да кажат тие кои воопшто не се во тимот?“, вели Артета.

Обамејанг беше најдобар стрелец во Премиерлигата во неговата прва цела сезона со „топчиите“, а потоа доби нов скап договор откако ги предводеше Арсенал до титулата од ФА купот.

Scroll to Top