Менаџерот на Арсенал, Микел Артета вели дека е многу тажен со ситуацијата во која се наоѓа Месут Озил во клубот. 32-годишниот фудбалеер е во пат-позиција од почетокот на сезоната откако Артета не го стави на списокот на играчи на кои ќе смета во Премиерлигата и во европските натпреварувања.
Озил нема настап за „топчиите“ уште од март годинава, па се чини неговите денови во клубот се избројани. Договорот му истекува на крајот на сезоната.
Артета минатиот месец рече дека се чувствува дека го изневерил Озил, но сега тој има друга приказна.
„Откако сум тука, ако погледнете некои играчи каде биле, а каде се сега, нивните кариери потполно се променија и тоа си го заслужија. Им дадовме шанса и тие ја зграпчија. Што се однесува за Месут, очигледно нема место за него во екипата. Се обидов со него да бидам што појасен, како со медиумите, така и со навивачите, некои ќе разберат, но многумина нема“ вели Артета.
Тренерот истакнува дека е повреден поради ситуацијата со Германецот кој има турско потекло.
„Повреден сум затоа што не сакам ниту еден од играчите да нема шанса да настапи и да се натпреварува. За мене тоа е многу тажно оти мислам дека никој не заслужува таков третман. Ние во екипата имаме неколку такви играчи“ заклучи Артета.
Арсенал првенството го продолжува со дуел со Лидс нагости во рамки на деветтото коло од Премиерлигата.