Напаѓачот што блесна оваа сезона, Лука Јовиќ, од наредната сезона ќе има нов клуб. Весникот „АС“ пишува дека Реал Мадрид планираа наредната недела да ги завршат сите детали околу трансферот на 21 годишниот српски репрезентативец.
„Трансферот е завршен, но клубовите се договорија да не откриваат ништо додека не се одигра последното коло во Бундес лигата. Ајнтрахт се во можност, во последното коло, да изборат пласман во Лигата на шампионите, поради тоа им е потребен мир пред последното гостување кај Баерн Минхен“, пишува новинарот на „АС“.
Истиот извор тврди дека Реал за Јовиќ ќе платат 60 милиони евра. Од оваа сума 48 милиони евра ќе завршат во касата на Ајнтрахт, а 12 во касата на поранешниот клуб на Јовиќ, Бенфика.
Наводно, Јовиќ наредната сезона ќе му биде резерва на Карим Бензема, а од 2020 година кога искусниот француски фудбалер ќе го напушти клубот, ќе биде прва опција во нападот на „кралскиот клуб“.