Top Sport

Атлетико не успеа да направи подвиг, Баерн му врати на ПСЖ (видео)

Атлетико Мадрид не успеа да го совлада Челси на „Стемфорд Бриџ“ и да чека чудо на „Олимпико“ за пласман во осминафиналето на ЛШ, и по ремито 1:1 ќе игра во Лигата на Европа од февруари.

На „јорганџиите“ им требаше победа против Челси, и барем реми на Рома против Карабаг, и беа блиску до победа, откако Саул Нигуез постигна гол во 56. минута, но во 75. минута Стефан Савиќ си постигна авто-гол за 1:1.

Сепак, претходно, Диего Пероти во 53. минута од дуелот Рома-Карабаг донесе водство за „волчицата“, за Рома неочекувано да биде пред Челси и да влезе во осминафиналето на ЛШ како носител.

Баерн Минхен не успеа да го помине Пари Сен-Жермен на табелата во групата Б, за што им беше потребна победа од најмалку 3:0, но врати за „посрамотувањето“ на „Паркот на принцовите“ во септември со 3:1 победа над ѕвездениот француски тим. Роберт Левандовски рано ги „начна“ ПСЖ во осмата минута, додека Корентин Толисо додаде два гола, меѓутоа, Килијан Мбапе со одличен гол ги остави парижани на првото место во групата Б.

Манчестер јунајтед губеше од ЦСКА на „Олд Трафорд“, пред да постигне два гола во две минути преку Ромелу Лукаку и Маркус Рашфорд за да го обезбеди првото место во групата, пред Базел, кои му го нанесоа и шестиот пораз во шест меча на португалска Бенфика.

И во групата Д сè беше јасно пред последното коло – Барселона и Јувентус веќе имаа обезбедено место во осминафиналето. Барселона со 2:0 го совлада Спортинг Лисабон, за кој во второто полувреме играше македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски, додека Јувентус стигна до идентична 2:0 победа на гостувањето во Пиреја кај Олимпијакос.


 

ГРУПА А

Бенфика – Базел 0:2

Манчестер јунајтед – ЦСКА Москва 2:1

Конечна табела: 1.Ман.Јунајтед 15, 2.Базел 12, 3.ЦСКА 9, 4.Бенфика 0

ГРУПА Б

Баерн Минхен – Пари Сен-Жермен 3:1

Селтик – Андерлехт 0:1

Конечна табела: 1.ПСЖ 15, 2.Баерн М. 15, 3.Селтик 3, 4.Андерлехт 3

ГРУПА Ц

Челси – Атлетико Мадрид 1:1

Рома – Карабаг 1:0

Конечна табела: 1.Рома 11, 2.Челси 11, 3.Атлетико М. 7, 4.Карабаг 2

ГРУПА Д

Барселона – Спортинг Лисабон 2:0

Олимпијакос – Јувентус 0:3

Конечна табела: 1.Барселона 14, 2.Јувентус 11, 3.Спортинг 7, 4.Олимпијакос 1

ЗАБЕЛЕШКА: Првите два тима одат во осминафиналето од ЛШ, третопласираниот се приклучува на Лигата на Европа.

Scroll to Top