Реал Мадрид и Атлетико Мадрид вечерва уште еднаш ќе се судрат во европските купови, односно во Суперкупот на УЕФА во Талин, Естонија, и првпат во историјата, „јорганџиите“ вредат повеќе од „кралевите“, барем така покажува анализата на „Марка“.
Пред девет години, тимот на Атлетико под водство на Кике Санчез Флорес вредеше 205.8 милиони евра, а „галактикосите“ на Жозе Мурињо дури 487 милиони евра. Во сезоната 2015/16, кога тимовите играа во финалето на ЛШ, Реал вредеше 761.6 милиони евра, а Атлетико 325.2 милиони евра.
Оттогаш почнува промената – Атлетико добива млади фудбалери, а во исто време го „гради“ Антоан Гризман во еден од фудбалерите со најголема „вредност“ на пазарот. Во исто време, Реал оваа година го губи Кристијано Роналдо, така што според проценката на „Марка“, составот на Атле вреди 858 милиони евра, додека Реал „само“ 775.7 милиони евра.