Мадридски Атлетико може да го сруши клупскиот рекорд за најскапо засилување доколку се обвистини тврдењето на шпанска „Марка“. Информациите се дека „јорганџиите“ се подготвени да платат 120 милиони евра за на „Ванда Метрополитано“ да го доведат португалскиот тинејџер, 19-годишниот крилен напаѓач, Жоао Феликс. За потсетување, за истиот износ, Французинот Антоан Гризман од Атлетико преминува во Барселона.
Досегашниот рекорд во Атлетико кога се работи за висина на трансферот го држи Томас Лемар кој од Монако прејде во Атлетико за 72 милиони евра.
Атлетико победи во трката со Јувентус, Борусија Дортмунд, Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити затоа што на Феликс му гарантира место во првата постава, што другите не можат.
Клучот, по се изгледа е, во агентот на фудбалерот, Жорж Мендеш и неговиот добар однос со тренерот на Атлетико, Диего Чоло Симеоне.
Феликс минатава сезона постигна 20 гола, а имаше и 11 асистенции за Бенфика.