Со претседателот Енрико Сересо и со официјалните лица на клубот, Атлетико Мадрид го освети новиот стадион „Ванда Метрополитано“ на приватна церемонија пред големото градско дерби со Реал.
Кардиналот Карлос Осоро ја предводеше церемонијата, која доаѓа во вистински време – да се надминат последните проблеми на новиот прекрасен дом со 68.000 седишта.
Тимот на Диего Симеоне има само две победи во шест натпревари на новиот дом, губејќи еднаш и одигрувајќи три нерешени средби пред саботниот меч.
„Сакаме да го добиеме првото дерби на ‘Ванда Метрополитано’. Тоа е многу важен меч за фановите, за клубот. Меч каков што секој играч може само да го посака“, вели напаѓачот Антоан Гризман.
Првото дерби на новиот стадион може да биде клучно за надежите за титула на двата клуба, бидејќи Барселона веќе отвори значителна предност. Поразениот овој викенд може да се најде пред разлика од 11 поени од Каталонците. Барселона игра со Леганес во сабота, додека Валенсија, на второто место со четири поени зад Барселона, но четири поени пред двата мадридски клубови игра со Еспањол во обид да стигне до осмата победа во низа.
Атлетико остануваат непоразени во Ла лига, но имаат само две победи во последните десет меча во сите натпреварувања.
„Стана тешко да се постигнуваат голови и да се победува. Солидни сме во одбраната, но нападот мора да биде подобар“, признава Гризман.
Атлетико имаше одличен старт по преселбата од својот омилен стадион „Висенте Калдерон“, со 1:0 победа над Малага и 2:0 триумф над Севилја. Но, европското деби помина лошо – Атлетико загуби од Челси со 2:1 иако први дојдоа во водство и имаа 1:1 до последните минути од мечот. Во следниот меч, гостуваше Барселона и Атлетико повторно водеше до финишот на натпреварот, пред Луис Суарез да постигне гол и да израмни на 1:1. По ова следуваше 1:1 ремито со Вилјареал и најлошиот резултат – 1:1 против азебејџанскиот Карабаг, кој играше со 10 играчи.
Но, вербата не се губи така лесно.
„Сигурен сум дека ќе имаме ист успех на овој стадион како на Калдерон. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите овој викенд, но верувам во победа“, изјави голманот на Атлетико, Јан Облак.