Австралија стигна до убедлива 4:0 победа над Чешка во пријателски меч во Прага во петокот добивајќи совршена подготовка за Светското првенство со прва победа на гости по речиси две години.
Австралија, која по четврти пат едноподруго учествува на Мундијалот, дојде во водство во 32. минута кога Метју Леки ја уфрли топката во голот по додавањето на Роби Крус. Ендру Набут го постигна првиот гол во австралискиот дрес во 54. минута, а резултатот беше комплетиран преку уште еден гол на Леки и автоголот на Јакуб Југас.
Ова е прва победа за „сокерус“ надвор од Австралија по 1:0 триумфот над Обединетите Арапски Емирати во септември 2016. Чешка не успеа да се квалификува за СП, додека Австралија игра во групата Ц со Франција, Данска и Перу.
Фото: ЕПА