Top Sport

Азар: Можам да бидам „галактико“

Напаѓачот на Реал Мадрид, Еден Азар признава дека мора да ја подобри својата игра за да го исполни својот потенцијал како „галактико“ по спориот старт на сезоната во кој нема ниту асистенција ниту гол за „кралевите“.

Азар дојде од Челси за 88 милиони фунти како најголемо засилување на тимот кој имаше катастрофална 2018/19 и како потенцијална замена за Кристијано Роналдо, чиј дрес со број 7 го „наследи“.

„Знам дека уште не сум ’галактико’ и треба да покажам дека можам да бидам. Сите ја знаеме историјата на бројот 7 во овој клуб и сакам да покажам дека можам да бидам најдобар на светот“, вели Азар пред мечот од ЛШ со Клуб Бриж.

По шпекулациите дека пристигнал на тренинзи со вишок килограми, Азар доживеа повреда на бутниот мускул пред стартот на сезоната и дебитираше за Реал на 14 септември при 3:2 победата над Леванте. Оттогаш тој има три стартерски настапи, но далеку од својата најдобра форма.

„Јас сум најголемиот критичар на мојата игра, но со напорната работа тоа ќе се смени. Сега не сум повреден и треба да се вратам со голови и со добра игра во одлучувачките моменти“, додава Азар.

Scroll to Top