Top Sport

Баерн и официјално се откажаа од трката за Хаверц

Ули Хенес потврди дека Баерн Минхен веќе не се во трката за потписот на ѕвездата на Баер Леверкузен, Каи Хаверц, со што германскиот интернационалец е на чекор до потпис со Челси.

Хаверц, кој влезе во првиот тим на „фармацевтите“ во 2016 има 45 гола во 148 настапи, од кои 17 во сезоната 2019/20 за да помогне тие да стигнат до петтото место во Бундеслигата. 21-годишниот Германец има уште две години од договорот со Баер, но последните месеци е поврзуван со трансфер во Челси, Јувентус или Манчестер јунајтед.

Баерн, откако дадоа 49 милиони евра за да го донесат Лирој Сане од Манчестер сити, веќе нема да имаат големи зделки, призна почесниот претседател на клубот, Хенес.

„Сигурен сум дека по Сане нема да има други големи трансфери ова лето. Не се работи за оценка на квалитетот на Хаверц, бидејќи сметаме дека тој е многу добар фудбалер. Но, по корона кризата и трансфер од речиси 50 милиони, не може да се замисли уште еден трансфер од 70-80 милиони евра“, вели Хенес за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Scroll to Top