Баерн Минхен стигна до тешка, но заслужена 3:1 победа над Хановер, која комбинирана со тешкиот пораз од 4:0 на Лајпциг на гостувањето кај Хофенхајм, значи дека Баварците имаат 6 поени предност во Бундеслигата по 14 одиграни кола.
Баерн започна со офанзива од почетокот, која се исплатеше во 17. минута, кога Артуро Видал донесе водство од 1:0. Баварците мислеа дека имаат удвоено водство, но голот на Роберт Левандовски во 28. минута беше поништен поради офсајд, по што Хановер добија шанса да се вратат во игра по досудениот пенал. Сепак, ударот на Никлас Фулкруг беше фатен од страна на Свен Улрајх. Гостите, сепак, пред полувремето дојдоа до израмнување преку Чарлисон Бенчоп.
Во второто полувреме, Баварците ја обезбедија победата со двата гола на Кингсли Коман и на Роберт Левандовски од пенал. Полјакот сега е првиот играч на Баерн кој постигнал гол во првите седум домашни натпревари на Баерн, а исто така има 14 гола во исто толку кола во германскиот шампионат.
Хофенхајм пак, продолжи со фантастичните игри на почетокот на сезоната, откако го декласираше тимот на Лајпциг со убедливи 4:0, за да ги остави „Ред бул“ на второто место, но сега со шест поени помалку од Баерн. Хофенхајм се на петтото место на табелата.
Борусија Дортмунд одигра уште едно реми, овојпат 1:1 на гостувањето во Леверкузен кај Баер иако домаќините поголем дел од натпреварот одиграа со 10 играчи. Кевин Воланд во 30. минута донесе водство за Леверкузен, пред Андреј Јармоленко во 73. минута да спаси поен за „милионерите“. Борусија сега е шеста на табелата со 10 поени помалку од Баерн, додека Леверкузен се осми.
БУНДЕСЛИГА, 14.КОЛО
Баер Леверкузен – Борусија Дортмунд 1:1
Баерн Минхен – Хановер 3:1
Хофенхајм – РБ Лајпциг 4:0
Мајнц – Аугзбург 1:3
Вердер Бремен – Штутгарт 1:0