Top Sport

Баерн повторно на врвот на Бундеслигата

Баерн Минхен го доби германското дерби со РБ Лајпциг со 2:0 за да се врати на првото место во Бундеслигата откако претходно Борусија Дортмунд беше „торпедирана“ со 4:2 од Хановер.

Смената на кормилото на „Баварците“ очигледно ја врати желбата за победа кај Баерн, и сега под водство на Јуп Хајнкес, тимот нема пораз и реди победи – ова е трета едноподруго во Бундеслигата, а тука беше и триумфот во Лигата на шампионите, прв оваа сезона.

Против супер-тимот на „Ред бул“, Лајпциг, работата им беше олесната откако Вили Орбан доби црвен картон по само 13 минути игра, откако направи фаул на работ на шестнаесетникот. Џејмс Родригез по одличното проигрување од Арјен Робен само шест минути подоцна донесе водство за Баерн, пред Левандовски во 38. минута по едно долго проигрување да го постави конечниот резултат и да го одреди победникот уште пред крајот на првото полувреме.

Баерн сега има 23 поени на врвот на Бундеслигата, три повеќе од Борусија на второто место и четири пред Лајпциг на третото.

Scroll to Top