Барселона до крајот на неделата ќе донесе играч што ќе го надомести отсуството на повредените Луис Суарес и Усман Дембеле. Иако преодниот рок во Шпанија е завршен, според прописите доколку клубот докаже дека на одреден играч нема да може да смета најмалку пет месеци тогаш Ла Лига дозволува трансфер но само на фудбалер што игра во првенството на Шпанија.
Луис Суарез и Усман Дембеле веќе ги завршија своите сезони, поради што челниците на Барселона мораа да реагираат. Тие биле заинтересирани за еден од двајцата напаѓачи на Валенсија, Кевин Гамеиро или Родриго Морено, но откако добиле „корпа“ од Месталја, се решиле за искусниот напаѓач на Хетафе, Анхел.
Овој 32 годишник во својот договор има опкупна клаузула од девет милиони евра. Бидејќи нема друг избор Барселона ќе ја активира клаузулата.
Барселона ќе биде најголемиот предизвик за фудбалерот кој оваа сезона постигнал 13 гола на 27 натпревари во сите конкуренции. Во кариерата бил играч на Тенерифе, Елче, Еибар и Сарагоса, во Хетафе е од 2017 година.