Играчот од средниот ред на Челси, Тиемуе Бакајоко вели дека неговиот колега и освојувач на титулата најдобар во Премиер лигата минатата сезона, Н’Голо Канте воопшто не е подобар играч од него.
23-годишниот Бакајоко не беше повикан од страна на францускиот селектор Дидие Дешам за пријателските натпревари, а не играше ниту на двата квалификациски мечеви во октомври. Тој вели дека ја почитува одлуката, но посочува дека е исто толку добар како играчите кои биле повикани.
„Разочаран сум, но верувам дека ќе бидам на Светското првенство. Тоа останува првата цел. Играм во голем клуб и тоа ми е предност. Но, сепак, Адриен Рабио, Канте, Блез Матуиди и Корентин Толисо не се подобри играчи од мене. Ги почитувам и селекторот и играчите, бидејќи се талентирани и се мои пријатели, но воопшто не сум послаб играч од нив“, вели Бакајоко.
Тој има 15 настапи за Челси по трансферот ова лето како замена за Немања Матиќ, кој замина во Манчестер јунајтед. Французинот постигна два гола. Канте од другата страна, ги освои последните две титули од Премиер лигата – прво со Лестер, и лани со Челси.