Фудбалерите на Леванте ја декласираа Селта во Виго (4:1), во првиот меч од саботната програма во Ла Лига. Македонскиот репрезентативец Енис Барди остави одличен впечаток во текот на целиот меч и беше асистент за последниот гол на Леванте.
Леванте во Виго ја прекина серијата од осум порази во дуелите со Селта. Екипата чии дрес го носи Барди во 24 коло во освои 30 бод во првенството и се наоѓа на 11 место, додека Селта има само 24 бода и е на еден бод од опасната зона.
Капитенот Моралес ја најави победата на Леванте во 20 минута. Барди ја започна акцијата, го проигра Рочина кој потоа му асистираше на Моралес. Рочина беше асистент и за вториот гол во 40 минута што го постигна Коке.
Второто полувреме започна лошо за Селта бидејќи поради еден груб старт Будебуз во 49 минута доби директен црвен картон.
До крајот на мечот Моралес во 62 минута со својот втор гол зголеми на 3:0, потоа Браиз Мендез од пенал намали на 3:1 во 88 минута, а минута подоцна конечниот резултат го постави Борха Мајорал.