Top Sport

Баркли потпиша за Челси, градоначалникот на Ливерпул бара истрага!

Шампионот Челси го засили средниот ред со потписот на Рос Баркли од Евертон за 15 милиони фунти. 24-годишниот Баркли потпиша петиполгодишен договор со „Сините“ и ќе го носи дресот со бројот 8.

„Пресреќен сум што имаме договор и едвај чекам да почнам. Сакам да имам свеж старт со Челси и се надевам дека ќе успеам во тоа“, вели Баркли.

Баркли нема играно оваа сезона поради повреда на бутниот мускул и последен меч за Евертон му беше поразот од Арсенал во мај минатата година. Тој има 150 настапи во Премиер лигата за Евертон и 21 гол.

„Рос е играч кој подолго време го следиме и веруваме дека ќе биде важен играч за Челси“, вели директорката на клубот, Марина Грановскаја.

Сепак, градоначалникот на Ливерпул, Џо Андерсон, инаку страствен навивач на Евертон, најави дека ќе побара истрага околу трансферот по контроверзните услови на неговото заминување.

Баркли требаше да потпише со Челси во последниот ден на летниот преоден рок во 2017, пред неговиот агент да се повлече од договорот вреден 35 милиони фунти. По ова, тој се врати во Евертон да има третман за повредата, и добиваше плати до декември.

„Ќе барам објаснување од Премиер лигата и Фудбалската асоцијација за условите околу трансферот. Агентот се повлекува во псоледниот ден и тој не игра повторно до следниот трансфер кој е 20 милиони понизок“, напиша Андерсон на Твитер.

Scroll to Top