По вестите во англиските медиуми дека Манчестер сити се подготвени да „тргнат“ по ѕвездата на Барселона, Френки де Јонг, според „Билд“, каталонскиот клуб е подготвен за зделка, која сепак, би вклучувала преселба на Бернардо Силва на „Ноу Камп“.
Де Јонг минатото лето постојано беше поврзуван со трансфер во Манчестер, но во градските ривали Јунајтед, кои понудија 85 милиони евра за него, но на крајот не дојде до зделка поради одбивањето на Холанѓанецот да се пресели во Премиерлигата. Сега, Јунајтед немаат средства за ваков трансфер за разлик од Сити, додека Барселона се наоѓа во непријатна финансиска ситуација која создава проблеми за регистрацијата на новите засилувања.
Според „Билд“, Барселона би била убедена со понуда од 90-тина милони фунти, каква што Сити понуди за Деклан Рајс од Вест хем, но уште повеќе би била заинтересирана за трампа за Силва, кој долго време сака да се пресели во Каталонија. Плус за Каталонците е тоа што Силва е претставуван од агентот Жорге Мендеш, кој има одлична соработка со претседателот на Барселона, Жоан Лапорта. Тие додаваат дека трампа за Силва плус 30 милиони евра би им го донела Де Јонг на ангиските и европските шампиони.