Лидерот во Ла Лига, екипата на Барселона потешко од очекувањата славеше триумф во денешниот меч од 14. коло кај последнопласираната екипа во лигата, Леганес со 2-1.
По првиот дел, „фенерџијата“ изненадувачки имаше водство од 1-0 со голот на младиот марокански фудбалер, Јусеф Ен-Несири.
Сепак, за да нема изненадување во вториот дел Каталонците направија комплетен пресврт. Најпрво Луис Суарез погоди со глава за 1-1 на асистенција на Меси, а конечниот резултат го постави нововлезениот Артуро Видал кој одбиена топка претвори во погодок во 81 минута.
Тренерот Валверде мечот го започна комплетно офанзивно откако во стартната постава имаше место за Меси, Суарез, Дембеле и Гризман. Сепак, откако виде дека овој рецепт не дава резултат, започнаа замените.
Барса сега е на врвот на табелата со 3 бода и меч повеќе од Реал Мадрид.