Каталонскиот „Спорт“ тврди дека во Барселона се зголемува оптимизмот за враќање на Пеп Гвардиола на тренерското место ова лето, посебно доколку остане казната од две години без Лига на шампиони за Манчестер сити.
Гвардиола има уште една година од договорот на „Етихад“ и не се брза со потпишувањето на продолжување на договорот, а Судот за арбитража во спортот (ЦАС) следниот месец ќе одлучи дали да ја поддржи двегодишната суспензија од европските натпреварувања добиена од УЕФА поради прекршување на финансиските правила.
48-годишниот Гвардиола ги предводеше Барса во славниот период за клубот, пред во 2013 да замине за Баерн Минхен, каде што освои три титули во низа, пред да се пресели во Манчестер сити, каде што последните три сезони освои осум различни титули. Покрај него, Серхио Агуеро, Кевин де Брујне и Бернардо Силва најавија дека ќе размислат за иднината ако се одбие жалбата на Сити.