УЕФА потврдила дека осмина-финалниот реванш во Лигата на шампионите помеѓу Барселона и Наполи ќе се одигра на 8 август на стадионот „Ноу Камп“, тврдат италијанските и шпанските медиуми.
Епидемиолошката ситуација во Шпанија се влошува, во претходните денови е потврдено дека неколку фудбалери за заразени со вирусот Ковид-19. Во Каталонија и Барселона расте бројот на новозаразени. Поради тоа претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, изјавил дека би било добро натпреварот да се одигра во Португалија или некаде во Германија.
Вчера каталонското радио објави дека од УЕФА секојдневно биле во комуникација со надлежните од Министерството за здравство на Каталонија. Барале гаранции дека играчите ќе бидат безбедни.
Денес медиумите објавија дека реваншот ќе се игра во Барселона, како што и беше планирано.
„Ја следиме ситуацијата, во контакт сме со надлежните органи. Мечот ќе се игра во Барселона“, соопштиле од УЕФА.
Првиот меч помеѓу овие два тима одигран во Неапол на 25 февруари заврши без победник, 1:1.