Top Sport

Барселона ќе промовира двајца и ќе подели пет откази

Барселона на почетокот на наредната недела планира конечно да биде реализиран третиот најголем трансфер во историјата на фудбалот и во исто време да го престави младиот Колумбиец Јери Мина. Во исто време клубот бара начин како да се ослободи од услугите на петмина фудбалери, чии годишни примања преставуваат голем товар за клубот.

Јери Мина, дефанзивецот од Колумбија кој игра во Бразил за Палмеирас, в понеделник треба да биде претставен на „Камп Ноу“. Барселона за Мина на Палмеирас ќе му плати сума од 12 милиони евра. Колумбиецот ќе биде алтернатива во дефанзивата за Пике, Умтити и за Вермален.

По неговото доаѓање, Хавиер Маскерано ќе може да го напушти клубот. Тој уште пред еден месец договори трансфер во Кина.

Трансферот на Мина долго време беше најавуван и тоа е она што беше очекувано во Барселона. Она на што забрзано работат клупските челници е до понеделник во клубот да пристигне и Фелипе Кутињо.

Кутињо, како што соопшти Ливерпул, е повреден и тој нема да игра вечерва во ФА-купот против Евертон. Бразилецот го пропушти и првиот меч во 2018 година, што само ги засили шпекулациите дека ги брои последните денови на „Енфилд“.

Барселона за Бразилецот ќе плати 120 милиони евра и дополнителни 40 милиони низ разни бонуси, кои ќе бидат поврзани со бројот на одиграни натпревари и освоени трофеи.

Ваков расплет се вклопува во финансиската конструкција на Барселона, што значи дека само Кутињо и Мина ќе го засилат тимот во јануарскиот преоден рок.

Она што следува потоа е продажбата на петмина играчи чии плати го оптоваруваат буџетот.

Рафиња побарал дозвола да ја напушти Барселона. Интерес за него покажа Валенсија, каде што може да замине како позајмен играч, а наредното лето клубот од „Местаља“ ќе мора да го откупи неговиот договор.

Андре Гомеш не ги оправда очекувањата, не се вклопи во екипата и тој може да си оди. Интерес за неговите услуги покажуваат неколку екипи од Премиер лигата.

Алеш Видал, исто како и Андре Гомеш, не успеа да се наметне најмногу и поради повредата која долг период го одвои од фудбалските терени. Интерес за него покажуваат Рома и Интер, но само за да го позајмат бидејќи немаат пари да го откупат договорот.

Scroll to Top